Пишува: Горан Лефков
Загаденост над дозволените 50 милиграми пм 10 честички на метар кубен, е секојдневие во Република Северна Македонија. Ваква загаденост земјата има над 100 дена во годината, што е далеку над дозволените параметри. Тетово минатата година имало 108 дена, додека Велес над 120 дена. Скопје, Кочани, Битола се константно загадени цела зима. Сите градови коишто лежат на котлини, каде нема поголеми струења на воздухот, имаат големо загадување.
Според Марјан Ненов, активист за чист воздух, загадувањето на градовите настанува заради корупцијата во власта.
„Јавното обвинителство е многу корумпирано. Тоа е најзадолжено да ги гони и казнува загадувачите, но досега скоро никој не е казнет од големите загадувачи. Додека беше Ана Петревска директор на инспекторатот за животна средина, правеше напори да стави ред, но такви напори кај сегашниов директор не гледам“, вели Ненов.
Тој додава дека енергетската мафија ги штити корумпираните интереси на големите компании и го корумпира судството да не носи одлуки во полза на граѓаните.
Тие како Здружение „Но Пасаран“ со години протестираа секоја сабота пред Триумфалната Капија, против Топлификација и БЕГ. На крај случајот го добија во Судот за човекови права во Стразбур, но државата не ја спроведува целосно одлуката на Судот.
Проценка на активистите од „Но Пасаран“ е дека за 10 години само од буџетските корисници поранешна Топлификација и БЕГ имаат испумпано од 50 до 100 милиони евра за 15 години.
Лошата технологија на загревањето на зградите е системски проблем
Загревањето на домовите и индистриските капацитети и процеси е најголем извор на загадување. Домаќинствата како избор за греење, имаат дрва и греење на електрична енергија. И двата извори во земјава се големи загадувачи. Дрвата испуштаат пм честички, додека над 70% од производството на електрична енергија особено во зимата е од лигнит во РЕК Битола и Осломеј, што истотака испушта големи количини на загадувачки честички помали од 10 микро метри.
Во Северна Македонија годишно се трошат околу 1,5 милиони метри кубни дрво легално дистрибуирани и дополнително на пазарот има шверц со дрва. Според пописот на население, 62% од домаќинствата се загреваат со дрва, односно околу 400.000 станови.
Според индикаторскиот извештај на Министерството за животна средина од 2018 година, согорувањето во домаќинства и административни капацитети е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44% до 63% (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65%.
Според овие индикатори, над 90% од домовите и индустријата се загрева со енергенси кои се рангирани како најголеми загадувачи на животната средина. Затоа се и високите концентрации на пм 10 честички во воздухот.
Гасификацијата спас од загадениот воздух
Гасот засега е најблиското техничко решение за спас на граѓаните од загадениот воздух. Но за да се гасифицира земјава потребни се неколку години. Првите стабилни количини на гас треба да протечат преку Грција на почетокот на 2025 година. Северна Македонија ќе има пристап до капацитети од над 2,8 милијарди метри кубни гас годишно.
Според директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, се работи со забрзано темпо.
„Терминалот во Александрополис е веќе во изградба и до крајот на годинава треба да биде готов. Таму имаме букирано складиштење на 550 милиони метри кубни гас, но уште не сме се стекнале со 10% од акциите. Треба прво да потпишеме еден документ со Бугарија, како прв чекор, парите ги имаме резервирано во буџетот“, вели Реџепи.
Друг значаен факт зошто ни треба гасовод до Грција е бидејќи, од таму можеме да добиеме гас и со брод, тн. LNG (Liquid natural gas) или течен природен гас, каде со декомпресија ќе се пушти во гасоводот и ќе стигне до нашата граница. Грците сега го градат терминалот во Александрополус.
Александрополус е одалечен 140 километри од Неа Месимбриа (гасно чвориште од каде ќе превземаме гас за Северна Македонија), но тие се гасно поврзани. Ние не одиме со цевка до Александрополус којшто е на 140 километри од Солун туку грците ќе го транспортираат гасот од Александрополус до Неа Месимбриа, и ние ќе го превземеме од тука.
Александрополус е проект од три дела. Првиот е гасен терминал. Тој се наоѓа на 22 километри во морето. Кога доаѓа бродот, преку декомпресирање се внесува во цевката и го имаме на копното.
Моментално се преговара со Бугарија за обезбедување и на дополнителни резервни капацитети ви нивното складиште за гас Чирен, по што треба да се потпише и документ за идна соработка.
„Со овој документ треба да ги дефинира односите околу гасот помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Со овој договор ние треба да се стекнеме со можност да складираме околу 150 милиони метри кубни гас во нивното складиште во Бугарија Чирен. Тие го прошируваат капацитетот на Чирен од 500 милиони на една милијарда метри кубни гас со европски пари“, вели Реџепи.
Тој додава дека оваа година ќе ги откупиме тие 10% од акциите во складиштето во Александрополис.
Со овие активности е отворен патот на стабилниот гас во Северна Македонија.
Дополнително треба да се работи и на гасификација на термоелектраните. Кај нас само Те-То има инсталиран капацитет од 220 мегавати и годишно користат околу 300 милиони кубни метри гас годишно. ТЕЦ Неготино според студијата е предвидено да троши од 700 до 800 милиони метри кубни гас. За РЕК Битола сеуште нема ниту студија ниту проект за префрлање на гас.
Првите количини на руски гас во Северна Македонија пристигнаа во втората половина на 90-тите години. Капацитетот на цевката е 800 милиони метри кубни гас, при притисок од 40 бари. Доколку се смени компресорската станица кај Ќустендил на 54 бари, можеме да добиеме максимален капацитет од 1,2 милијарди метри кубни гас.
Но овој капацитет никогаш не достигна искористеност повеќе од 40%. Причините според Мирче Адамчевски, поранешен дописник на Нова Македонија од Москва и одличен познавач на приликите со рускиот гас, се политички.
„Русија го користи гасот и енергетиката како оружје. Тоа што сме зависни само од еден извор на гас не прави многу ранливи како економија“, вели Адамчевски.
Тој смета дека мораме да имаме диверзифициран пристап до гас, за да ги користиме неговите благодети.
За Митко Андреевки, поранешен советник за гасификација во Владата на Зоран Заев, искористеноста на гасот е недоволна.
„Парадоксот на оваа држава е пред 10 години да имаме виртуелен гасовод во Струмица каде гас се носи со камиони и да имате 400 корисници на гас, и во Скопје кое има цевка за гас од пред 30 години и да немате ниту едно приклучено домаќинство на тој гасовод“, смета Андреевски.
Истотака и тој смета дека поврзаноста само со рускиот гас ја прави Македонската економија премногу ранлива и нестабилна.
„Досега беше многу несигурна безбедноста на употребата на рускиот гас. Ако на пример еден бизнисмен треба да одлучи во каква технологија ќе инвестира, гасот беше на последно место, бидејќи ќе си го постави прашањето, иако гасот е најефтин, што ако Путин го затвори вентилот. Мојот капацитет треба да стои додека да се смилуваат Русите да ми пуштат гас“, смета Андреевски.
Тој смета дека, после 2024 година, кога треба да потечат првите количини од интерконекторот за Грција, овие стравови веќе ќе ги нема.
Изградба на детална гасоводна мрежа во населените места
Следните активности треба да бидат гасификација на домаќинствата. Реџепи потенцира дека наскоро треба да имаме решение и за тој процес.
Во минатото се покажа како нефункционално формирањето на комунални претпријатија во општините. Имаме две такви претпријатија во Куманово и Струмица за 15 години, 100 приклучоци немаат направено. Кога е на мал пазар не е исплатливо.
„Влегуваме во Јавно приватно партнерство за изградба на дистрибутивните мрежи за гас. Снабдувањето и трговијата е целосно либерализирана. Во оваа фаза се квалификувани две турски компании и која ќе достави подобри услови таа ќе го добие договорот со државата. Само во првата фаза треба да се инвестираат 350 милиони евра и ниту една наша компанија немаше бонитет за да финансира таков износ. Целата инвестиција во деталната мрежа ќе надмине 500 милиони евра“, вели Реџепи.
Тој додава дека првично биле заинтересирани и неколку компании од Франција, Италија и други земји од ЕУ, но подоцна не доставиле понуди.
Според студијата за енергетика, ако немаш никаква инсталација во домот, ниту радијатори, бренери и бољер, од нула да почнеш за стан од 82 метри квадратни ќе чини околу 1.400 евра за целата инсталација. Приклучокот во Куманово и Струмица, сеуште е многу скап. Просечно таму плаќаат околу 750 евра. Во условот за формирање на претпријатие за дистрибуција на гас на граѓаните Владата стави услов максималниот приклучок да не биде поскап од 100 евра. Ова е идеја на Владата да ја стимулира употребата на гас максимално за да го намали загадувањето на воздухот.
Владата ќе влезе и во процес на субвенционирање на внатрешните инсталации на гас, како радијатори, бренери и бољер, по систем сличен како телефонските оператори што даваат апарати на исплата на корисници што ќе склучат договори со нив. Така да инвестицијата за поставување на инсталација за употреба на гасот, граѓаните да ја отплаќаат на неколку години. Греењето на гас треба да биде три пати поефтино, отколку греењето со електрична енергија.