Македонија останува без шуми поради лична корист на поедници

автор: Искра Опетческа

Вработени на одговорни функции во Јавното претпријатие (ЈП) “Македонски шуми”, подружница “Бабуна” Велес, го кршат Законот за шуми со што на незаконски начин заработуваат илјадници евра на грбот на државата и на приватните сопственици на шуми, тврди  Жилбер Жак Арсов сопственик на 42 хектари земја со 700 метри кубни дрва во атарот на велешкото село Ветерско.

fotografija 1-1-1

Земјиштето во сопственост на Арсов

 

“Еден од најголемите проблеми се испратниците. Податоците напишани на испратниците не соодветствуваат со вистинската состојба на теренот. Така на една испратница на пример,  пишува дека се исечени 3 метри кубни дрва а на другата, резервната 30  метри кубни дрва. Сето тоа со образложение дека треба да има баланс при сечата затоа што секоја парцела е различна. Во некоја има помалку дрва за сеча а некаде пак да има повеќе. Друг проблем е и тоа што надлежните, мене како продавач на дрвата не ми издаваат копија од испратниците. Копии имаат само во “Бабуна”, купувачот и транспортерот на дрвата” вели Арсов.

Поради ова, но и низа други неправилности, тврди тој годишно губи и до еден милион евра од непродадени дрва.

dokument 1

„Продадов два стана во центарот на Скопје па така со сопствени пари како и со пари на една од банките и меѓународни донатори, субвенциониран од Владата сакав да го проширам постојниот овоштарник од 11 хектари во договорениот термин за сезоната 2009/2010 година. Но наместо тоа наидов на мноштво опструкции, намерно неиздавање на дозволи за сеча во соодветен термин, се’ до монтирани судски процеси со наместени докази” [клучен збор што ќе води до дополнителна документација (наслов на документ1: Осудителна пресуда во која судот утврдил дека нема докази дека Арсов украл државни дрва)], вели Арсов.

 

 

Одговорните сечат државни дрва а ги кријат на приватни парцели

 

Маките на Арсов почнуваат во 2009 година, кога отишол во подружницата на ЈП „Македонски шуми“ – шумското стопанство (ШС) „Бабуна“ во Велес за да добие дозвола за сечење на дрва за да го расчисти теренот за насад на овоштарникот што со проект претходно му бил одобрен. Но како што вели тој, од за него неразбирливи причини секогаш го добивал истиот одговор дека техничарите се премногу зафатени со работа. Тоа се случувало се’ до јуни 2010 кога по 15 поднесени барања добил одобрение за сеча на дрвата [клучен збор што води до дополнителна документација.

dokument 2

Одобрение за сеча на дрва но со напомена дека сечата може да биде извршена во периодот од 17.11.2010 до 01.12.2010 година

 

(Документ2:Одобрение за сеча на дрва)] но со напомена дека сечата може да биде извршена во периодот од 17.11.2010 до 01.12.2010 година.

“Купувачите ги бираат само оние парцели кои им се допаѓаат, оние до патот затоа што тука нема трошоци за дотур на дрвата во камиони. Така еден од лиценцираните купувачи од Велес кој што во соработка со инженерите и техничарите од ШС “Бабуна”, шумската полиција и судиите од 15 дозволи за сеча реализираше осум. За да го исечам и остатокот ме принуди да поднесам нови барања. Ако не го направев тоа тогаш немаше да ми ги купи дрвата и покрај тоа што јас и сам си наоѓав купувачи. Кога прашав зошто не ги сечат и другите седум парцели инжинерот кој беше сведок на сечата ми кажа дека тоа е интерен договор и дека кога ќе заврши сечата на одбраните осум парцели ќе се реализираат и останатите. Кога побарав да ми покажат документ тие ништо не ми дадоа. Од страна на одговорните за издавање дозвола за сеча на дрвата добивав нелогични барања дека за цената на маркирањето и откупот на дрвата треба да се договорам токму со тој конкретен купувач што ми го наметнале а не со оној што јас сум го избрал. Мене ми беа наметнати двајца такви”, вели Арсов.

 

Дарко Скендерски, национален координатор на Здружението на сопственици на приватни шуми (ЗСПШ) тврди дека одговорните луѓе во ЈП “Македонски шуми” работат исклучиво на штета на приватните стопанственици.

skenderski

Дарко Скендерски

 

“Одредувањето на количината на дрвна маса за сеча не го вршат согласно состојбата на шумата на терен, туку тоа го прават во канцеларија. Знаат дека издавање на одобрение, согласно критериумите и утврдувањето на состојбата на шумата на лице место носи  поголема количина дрвна маса па затоа кај оние сопственици што имаат големи количини дрвна маса тоа го одложуваат. Сето ова со цел да ги склучат договорите со пензионерите и синдикатите како најдобри и најсигурни плаќачи а нас да не’ спречат да конкурираме на пазарот претежно со огревно дрво. При тоа, поднесувањето на барањата, го заведуваат во архива но не даваат копија за тоа. На даваат  копија ниту од Евиденцискиот картон во кој е планирано десетгодишното количество на дрвна маса кое што може да го посече сопственикот. Тоа свесно го прават за да ја спречат жалбената постапка на незадоволните сопственици, бидејки знаат дека неправилно ја одредиле сечата на дрвната маса”, обвинува Скендерски.

 

Токму за ова сведочи и Арсов кој вели дека при сечата на шума сите исечени дрва се впишуваат како да се исечени на една парцела а дозволите за сеча за другите парцели остануваат празни. Така нелегалната сеча продолжува во државните шуми а исечените државни дрва се префрлаат на приватен имот со што се прикажува дека сите дозволи за сеча на приватниот стопанственик се реализирани.  (Фотографија 2: Наслов: Бесправна сеча на дрва според ДЗС)

ChartGo(3)

Поради ова, Арсов на 29.8.2011 година од в.д. директорот на ШС “Бабуна” Гоце Петровски побарал преиспитување на состојбата на теренот и работата на одговорните. Но наместо одговор, дали наводите на Арсов за лажно прикажување на количината на дрвна маса и манипулациите со парцелите се вистинити, шест месеци подоцна надлежните кои постапувале по предметот изготвиле Записник [клучен збор што води до дополнителна документација во кој одговорните заклучиле дека во текот на постапувањето и работата по предметот на Арсов се соочиле со многубројни проблеми.

dokument 3

 “На денот на излегувањето на терен, Арсов не ги знаеше прецизно границите на својот имот, поради голем број барања и одобренија ја мешаше дрвната маса од една на друга парцела, врши мобинг и тортура на вработените преку различни кривични пријави. Директорот е запознат со сите настани а има и записници од извршени контроли. Затоа е заземен став дека во врска со Арсов не може да се воспостави вообичаена процедура  на работа бидејќи отстапува од обврските што сопствениците на шуми ги имаат според Правилникот за приватни шуми”, пишува во записникот на надлежните од “Бабуна”.

 

Заедничките интереси на поединци го аминуваат криминалот

 

Сепак за Скендерски најголемата злоупотреба на шумското богатство ја прават несовесни поединци меѓу кои се и концесионерите на шумите. Тие, вели тој, за лична корист не бираат ниту време ниту начин како да ја остварат. Според неговото сведочење, вообичаено е секој сопственик на шума пред да оди на терен за ознака за сеча или за жигосување и прием на дрвна маса, претставникот од шумското стопанство добро да го нагости во некоја кафеана со цел да биде “расположен” за вршење на работата. Посиромнашните пак ракија и мезе носат од дома а гоштевањето го прават на терен, во шумата. Оние сопственици пак кои имаат за ознака поголема површина или треба да добијат означување на поголема количина на дрвна маса, треба да обезбедат и возило за терен. Таксата е од петсто до илјада денари за шумарот, а може и повеќе во зависност од релацијата, со изговор дека им треба пари за бензин бидејќи секој шумар има свој сопствен џип.

“Тоа, вообичаено, се договара еден ден порано. Ете неодамна имаше камион од Куманово кој беше товарен во беровско. Сопственикот на шумата и шумарот се договориле шумарот да биде во одредено време на лице место но шумарот не дошол со изговор дека му излегла некоја итна работа. Така возачот на товарениот камион мораше да му понуди на шумарот 500, 1000 па дури и 3000 денари само да стигне на потребната дестинација најдоцна до полноќ истиот ден до кога што му важи испратницата за товарење на дрвата”, сведочи Скендерски.

 

Арсов се согласува со тврдењето на Скендерски но смета дека поединци не можат да прават криминал ако не постои спрега помеѓу шумските стопанства, шумската и редовната полиција и судовите. Како потврда на своето тврдење, Арсов го посочува фактот дека за три години добил десетици прекршочни и кривични пријави од шумската полиција и во сите случаи бил осуден на највисоките парични казни или условна казна затвор.

 

“Никој од надлежните не ми направил проблем за над 90 отсто од дрвата што ги продавам на наметнатите купци на моите дрва. Проблем ми прават за останатите дрва што ги продавам на купувач кој сам сум го нашол. Најчесто тоа го прави шумската полиција која секогаш наоѓа причина да ме казни”, вели Арсов.

 

За да се заштити од притисокот што го чувствувал но и да ги запре загубите што ги трпи Арсов барал испитување  на случајот кога наметнатиот купувач на дрва, како што тврди тој, посекол 32 метри кубни дрва од туѓи парцели а на платените дозволи за сечат било прикажано дека дрвата се исечени на парцелите на Арсов. Но наместо испитување на случајот тој заработил кривична пријава за клевета, па така велешкиот суд на 24.04.2014 година го прогласува за виновен и го осудува на парична казна од 100.000 денари.

 

“И не само во овој случај. И во другите судски процеси судот секогаш ме осудува врз основа на наместени докази. Во еден од  дека како овластено лице ми дозволил да извршам дотур на дрва Без претходна дозвола поради неможноста на тој терен да пристапи камионот. Во друг случај пак, сведок, исто така овластено лице потврди дека добив закана од полицаец дека ако не ги дадам дрвата на наметнатиот купец тој ќе ми ги земел без пари. Но ова не беше доволно за судот па и во двата случаи бев осуден. Подоцна двајца судии ми се извинуваа зашто морале да ме осудат без при тоа да кажат зошто морале и дали и кој им дал таква наредба. Ете затоа велам дека постои спрега помеѓу судиите, вработени во ЈП „Македонски шуми“ и шумската полиција” вели Арсов. 

Скендерски, барем за сега, не гледа начин дали и како може да се спречи пустошењето на шумското богатство затоа што, како што вели тој, борбата против криминалот завршува уште пред да почне.

Никој не се осмелува да пријави затоа што знаат дека надлежните институции нема да направат ништо. Всушност токму тие се изворот на најголемиот криминал. Еве јас лично сум пријавувал криминал во шумската полиција. И кога ќе се јавам, јас всушност заклучувам дека полицијата веќе знае за случајот што го пријавувам. Дрвокрадецот си оди, а од полицијата ми велат дека не можат да дојдат со изговор дека немаат бензин да дојдат. Еве нека се охрабрат сопствениците на бензински пумпи во руралните средини и нека кажат колку дрва добиле од ЈПМакедонски шумиво замена за бензин. При тоа не добиваат никаков документ за тоа. Ова е нешто што деновиве масовно се случува“, вели Скендерски.

 

Надлежните или не можат или не сакаат да речат стоп за криминалот

 

Ниту обраќањето на Арсов до Државниот инспекторат за шумарство ниту она до Министерството за внатрешни работи (МВР) не вродиле со плод. Инспекторатот се прогласил за ненадлежен за постапување по неговите жалби а од МВР не добил никаков одговор.

Но од МВР тврдат дека полицијата врши редовни контроли. Така, според податоците обезбедени за ова истражување, во 2014 година, МВР извршила контрола на околу 1.900 патнички и 2.800 товарни возила. Од нив, од 262 патнички и 111 товарни возила биле одземени вкупно 2.697 метри кубни огревни дрва и 165 стебла. Најмногу дрва се одземени на подрачјето на Штип (839 м3) огревно дрво, потоа на подрачјето на Регионалниот центар Север (485 м3) огревни дрва и на подрачјето на Тетово (419 м3) огревни дрва. При тоа поднесени се 75 кривични пријави против 134 сторители. (Фотографија 3: Извршени контроли на МВР)

Од Шумската полиција потврдуваат дека Арсов се жалел на работата на велешката полиција и тогашниот командир Горан Стојановски но не кажуваат дали неговите обвинувања за изнуда, лажни пријави, бесправно одземање дрвна маса се вистинити или не.

“Од наша страна повикани се одговорните во шумската полиција Велес и увидовме дека се работи за подносител на претставката кој е стален прекршител, што се гледа од доставените пресуди од велешката полиција. На подносителот на претставката му одговоривме во законски предвидениот рок”, велат од Шумската полиција.

sumska policija

Од таму уште информираат дека претставките за работата на шумските полицајци најчесто се однесуваат кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски. Во 2014 година имало десет претставки од кои шест се добиени од непосредно вработени во Шумската полиција.

“Од доставените десет претставки, утврдени се девет неправилности на вработените. Спроведени се постапки против пријавените, сослушани се, утврдена е фактичката состојба и при тоа за сторените дела соодветно се казнети единаесет вработени”, еластичност од Шумската полиција.

Од Судскиот совет пак, каде што се жалел на работата на велешките судии добил одговор дека советот не може да расправа по неговите жалби се’ додека нема правосилни пресуди за постапките кои што се водат против него. Од Основниот суд Велес утврдувањето на одговорност кај нивните судии исто така го префрлаат на Судскиот совет.

 

МВР: Фирмите што даваат дозволи за сеча работат незаконски

ChartGo

31 фирма, лиценцирани за издавање Одобренија за сеча на приватна шума работеле незаконски, покажуваат податоците што МВР ги достави за потребите на ова истражување. Во до сега најголемата акција за спречување на криминалот во шумите “Гора”, полицијата по налог на Јавното обвинителство одзела 7.262 Евиденциски картони и друга пропратна службена документација. Криминалот најчесто бил правен при издавањето на одобренија за сеча на шума во сопственост на државата, нецелосна документација при издавање на одобренија за сеча на приватна шума и внесување невистинити податоци во барањата за видот на земјиштето за кое се бара сеча на шума. Во рамките на акцијата, министерство, во јуни 2014 година спровело контрола во 245 објекти-складови за дрва, по што поднело пет кривични пријави за сторени три кривични дела кражба (одземање туѓа шума дрвја чие количество е поголемо од еден кубен метар), две кривични дела “фалсификување исправа“ и едно кривично дело „даночно затајување“. Исто така, во складовите се утврдени 167 прекршоци, затворени се 49 објекти-складишта за продажба на дрва на цела територија на Македонија, а одземени се околу 800 метри кубни огревни дрва.

Според неофицијални податоци од истрагата, во акцијата „Гора“ се уште не е обвинет ниту еден од врвот на одговорните, вмешани во пустошењето на шумите иако во последните неколку години од ЈП “Македонски шуми” од работа се избркани 120 луѓе а досега проценетата штета изнесува 14 милиони евра.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)