Спортски сали: Ветувањата посилни од реализацијата

автор: Жаклина Хаџи-Зафирова

 

Сиви голи ѕидови и обрасната трева. Ова е сликата на која веќе навикнаа жителите на скопската населба Ченто, додека поминуваа покрај Основното училиште „Крсте Мисирков“, каде уште пред десетина години требаше да никне нова спортска сала. Но, наместо со новоизградениот објект, кој го најавуваа сите досегашни власти, учениците и децата од ова место се задоволуваа со училишниот двор и околните дотрајани и импровизирани локални игралишта каде од забава играа кошарка или фудбал. Приближно исто толку стара како започнатиот објект во Ченто е и долгонајавуваната спортска сала во населбата Автокоманда, веднаш до студентскиот дом „Стив Наумов“, каде и покрај најавите на надлежните, се уште ништо не се случува, а објектот пропаѓа од година во година.

 

Се прави ли стратегија за тоа какви се потребите на граѓаните во општините? И какви се потребите на учениците во училиштата? Центарот за истражувачко новинарство истражуваше зошто овие проекти не заживеаја во вистинско светло..

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски уште во март 2013 година, непосредно пред локалните избори, најави дека „во наредниот период приоритет ќе биде доизградбата на спортската сала во Ченто, како и дека поради имотно-правни проблеми проектот досега не бил завршен“. Во изјавата за медиумите, градоначалникот најавува дека имотно-правните проблеми се решени и дека во наредниот период ќе се почне со доизградбата на салата која треба да прерасне во спортски центар за населбата Ченто.


На истиот настан, тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски изјави дека за 2013 година се предвидени 20 милиони денари (околу 330 илјади евра) за доизградба на спортската сала во Ченто. Сепак, непознато е за што се потрошени овие средства и дали се пренаменети за нешто друго бидејќи оттогаш поминаа две години, а објектот кој требаше да прерасне во спортска сала не го смени првичниот изглед. Првичните градежни активности започнаа дури деновиве.

Спортската во Ченто пред две години и деновиве

„Требаше одамна да се заврши. Добро би било да имаме спортска сала која сите ќе ја користат, но ете. Еве сега овие недели гледаме дека се работи, па ќе видиме“, вели средовечна жителка на населбата Ченто.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија уште лани во јули се обиде да добие одговор од надлежните за тоа зошто е запрена изградбата на оваа спортска сала, но конкретен одговор за причините не добивме. Само најави дека „во тек се градежни активности на терен“, кои во моментот кога го баравме одговорот од општината Гази Баба не се случија се до скоро.

Во одговорот од Агенцијата за млади и спорт кој го добивме според Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер се објаснува:

Agencija za mladi i sport odgovor

„Спортската сала во рамки на Основното училиште Крсте Мирисков во општина Гази Баба е воведена во работа во 2014 година и се очекува да биде изградена во текот на 2015 година. За предметната спортска сала се предвидени 35.736.446 денари со вклучен ДДВ кои се обезбедени од Агенцијата за млади и спорт“.

На таблата поставена пред објектот, кој до неодамна изгледаше запуштено, стои дека објектот го гради фирмата „Бауер БГ“, која досега има добиено повеќе тендери, работела на реконструкција на фасадата на Владата, потоа реконструкција на фасади на повеќе објекти во центарот на Скопје, учествувала во доизградба на плоштадот „Пресвета Богородица“ итн. Од она што може да се види на веб сајтот на Бирото за јавни набавки, фирмата соработува со многу државни институции меѓу кои Службата за општи и заеднички работи на Владата, Градот Скопје, како и други општини.

Во известувањето за склучениот договор на веб страницата на Бирото за јавни набавки кој фирмата го склучила со Агенцијата за млади и спорт на 31.03.2014 година (една година по најавата за изградба на салата од градоначалникот Тони Трајковски), стои дека договорот за изградба на салата е со времетраење од 9 месеци, што значи заклучно со декември 2014 година. Што се случило потоа и дали е склучен анекс на првобитниот договор останува непознато.

javni nabavki cento

najniska cena Javvni nabavki

 

 

 

Мистерија е и изградбата и судбината и на спортската сала во населбата Автокоманда, започната со градба уште во не толку далечната 2002 година.

IF IF

Салата беше најавена како дел од тогашниот владин проект (во времето на Љупчо Георгиевски) за изградба на 35 спортски сали низ државава. Но, годините поминуваа, а салата, наместо да им ги оствари соништата на студентите за место каде ќе можат да спортуваат, денес прерасна во преноќиште за бездомници. Сликата е навистина жална-расфрлани отпадоци насекаде во објектот, кој поголем дел од годината е обраснат со трева и изгледа прилично запуштено.  Иако, надлежните најавуваа дека сепак салата ќе заживее, тоа засега останува само на хартија.

Agencija za mladi i sport 35 sali

„Спортската сала која се наоѓа до студентскиот дом Стив Наумов започната е со изградба во 2002 година и досега Агенцијата за млади и спорт има вложено 7.631.499,18 денари. Во рамки на проектот на Владата за реконструирање на постоечките спортски објекти, Агенцијата за млади и спорт во соработка со општина Гази Баба по комплетирање на потребната документација ќе распише соодветна постапка за отпочнување на реконструкција на горенаведениот постоечки објект“, се вели во дописот кој уште во септември 2014 година ни го испрати Агенцијата за млади и спорт.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија побара средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески за да може да добиеме одговори за тоа зошто се запрени активностите за доизградба на овие две сали, како и за тоа дали постојат критериуми при планирањето на градбите на салите. Но, оттаму ни посочија дека единствен начин на кој може да добиеме податоци од Агенцијата е преку Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.

На веб сајтот на Агенцијата за млади и спорт како еден од проектите е наведен проектот за 35 спортски сали низ државава. Сали се градат во Маврово (Ростуше), Кисела Вода, Ѓорче Петров, места со многу помал број жители од општината Гази Баба, која, според документите со кои поседуваме остана на дно на листата за добивање на модерен спортски центар.

 

 

Спортска сала-сон и за најстарото училиште во Македонија

 

Учениците од најстарото училиште во Македонија, О.У. „Кирил и Методиј“ се уште се надеваат дека ќе добијат спортска сала, проблем со кој се соочуваат со години. Наместо сала, во моментов вежбаат во импровизирана училница, која би требало да претставува сала.

deca igraat vo okolnoto Osnovno ucislite Krste Misirkov pokraj koe se naoga nedoizgradenata sportska sala

Претходниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, пред локалните избори во 2013 година најави дека ова училиште ќе добие спортска сала. Но, се остана само на ветување бидејќи Тодоровиќ изгуби на тие избори. Сепак, работите не се сменети ниту со актуелниот градоначалник, Андреј Жерновски. Иако надлежните оттаму најавуваат дека е во тек изработка на проект, на терен работите не се менуваат. Децата се надеваат на убаво време за да излезат надвор, да играат кошарка или фудбал-на паркингот во училишниот двор!

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

коментар(и)