Во токсичкото кралство на Југохром

 

 

Кога во 2005-та година се донесе новиот Закон за животна средина, се веруваше дека во Македонија конечно ќе се почне со решавање на енормното загадување. Земјата, која се соочува со лоши економски показатели и голема невработеност и после 10 години се соочува со истиот проблем.

Во текот на ова декада владата поставуваше неколку рокови за поставување на еколошки филтри за најголемите загадувачи, но само еден мал дел од нив ги испочитуваа. Последниот рок беше 31 октомври, кога Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) требаше да стави клуч кај сите загадувачи кои не започнале процедура за инсталација на филтрите согласно законот. Но, еден ден подоцна на заедничка прес-конференција во Скопје се појавија заменик-премиерот за економски прашања Владимир Пешевски, и министерот за МЖСПП Нурхан Изаири со добра вест за загадувачите: рокот за Југохром се продолжува уште за две години. Ова беше вториот случај на продолжување на рокот за Југохром во текот на 2014-та година, откако во март најави дека „во наредните две години ќе инвестира 10 милиони евра во систем за отпрашување на гасовите’’.

 

Канцерогено загадување со страшни бројки

Foto 01

Како резултат на ова политика, воздухот во Тетово е загаден, и се движи од 5 до 20 пати повеќе од дозволеното. Според официјалните мерења од страна на Министерството, загадувањето над дозволеното е измерено во 285 дена во текот на 2014-та година. Во месеците декември и јануари нема ниту еден ден кога загаденоста е под дозволената граница од 50 микрограми цврсти честички во метар кубен.

jugohrom1

Југохром Фероалојз

 

Иљаз Иљази е инженер и експерт за животна средина, кој неколку години и самиот работел во Југохром. Вели дека загадувањето од страна на овој комбинат е застрашувачко.

“Со капацитетот со кој работи сега, Југохром испушта околу 30 илјади тони прашина на ден. Во случај да ги инсталира филтрите, тогаш ќе испушти само 800 килограми прашина. Разликата е голема“, вели тој.

Според неговите пресметки, еден жител од овој регион кој поминува најмалку четири часа надвор или во отворени простории, тој дневно вдишува 5 милиграми прашина.

“Ова е катастрофално. Скоро секој дом во Тетово и околниот регион има заболен од алергија и астма“, додаде Иљази.

Ваквата концентрација на цврстите честички во воздухот (ПМ) често го рангираше Тетово на трето место во светот по загаденост, после градот Акра во Гана и Каиро во Египет.

Здравствените работници алармираат за последиците по здравјето на жителите, заради опасните болести кои ги предизвикува ова ниво на загаденост на воздухот.

“Зголемените концентрации на ПМ10 честичките се сериозен фактор на ризик за појавување на заболувања на респираторниот и кардиоваскуларниот систем“, вели Ратко Давитковски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Според него, ПМ10 делуваат преку својот дијаметар помал од 10 микрометри, при што навлегуваат длабоко во дишните патишта. “Дури можат да навлезат директно и во крвотокот и да делуваат по својот физичко – хемиски состав. Во нив може да се најдат и алергени или микробиолошки соединенија“.

Последиците по здравјето, вели тој, може да се краткорочни и долгорочни. “Краткорочни се надразнување на грло, нос, бронихитис, додека долгорочни се зголемен број на болни од респираторни и кардиоваскуларни болести“.

Најдолгорочно, додава Давитковски, претставува ракот во белите дробови. “Ризикот за смртност од рак, респираторни и кардиоваскуларни болести е поголем за 13 проценти кај луѓето кои се долготрајно изложени на ПМ10 честичките“.

Foto 4

Бројките кои СКУП ги обезбеди од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги поткрепуваат наодите на докторот Давитковски.  Од 2010 до 2013 бројот на заболени од канцер пораснал за скоро 80 проценти. И по општините во тетовскиот регион има значителен пораст на заболените од рак. Во Тетово во 2010 година бројот на заболени изнесувал 1054 додека три години потоа тој број се покачил на 1801. Според вкупниот број во овој временски период, општина Тетово брои 4848 новозаболени. На второ место е Јегуновце, местото каде е лоциран загадувачот Југохром, со вкупен број од 402 новозаболени. На трето место е општина Теарце со 394, на четврто е Боговиње со 253, на петто е Брвеница со 145 додека Желино е на шесто место со 120 новозаболени од рак во текот на три години.

Според извештајот на ИЈЗ за 2013, Тетово е во врвот на листата според бројот на заболени деца со специфични респираторни болести предизвикани од загадувањето со околу 6 пати поголем број од републичкиот просек.

 

Сериозен проблем, несериозен пристап

ariantit dzaferi

Аријанит Џафери

 

“Ова е многу сериозен проблем кој државата го третира на најнесериозен начин“, вели Аријанит Џафери од еколошкото движење Еко Герила. Тој со активистите на ова движење организираа низа протести против загадувањето, но велат дека владата сè уште е глува на нивните барања.

“Не бараме затворање на фабриката, туку инсталирање на филтрите. Сега, без никакви еколошки стандарди, не станува збор за загадување туку за труење на над 300 илјади жители“, вели афери. Според него, апсурдно е владата да се грижи за спроведување на Законот против пушењето во чајџилници, а да замижува пред густиот чад на Југохром, кој го покрива целиот регион на Полог.

Од друга страна, како одговор за незадоволството кај граѓаните МЖСПП најави тужба против Југохром заради непочитување на договорот за работа, при што ја вклучил и втората печка.

Но, Џафери вели дека ова е само купување време од страна на министерот Нурхан Изаири, но и од страна на самиот загадувач.

02-1 - Krivicna prijava protiv Jugohrom

Во овој правец, СКУП дојде до документи од кривичната пријава која уште од месец јули 2014 година ја поднело партијата ДОМ, еден политички субјект со фокус на животната средина кој е дел од владината коалиција.

“Ова кривична пријава ја поднесуваме против правниот субјект Југохром Фероалојс ДОО за загрозување на здравјето на граѓаните од Тетово и уништување на животната средина, почнувајќи од 11.7.2005 година па се до денес. Прекршен е законот за животна средина и  Уставот на Република Македонија, со кои се гарантира правото на чист воздух и животна средина“, се вели во пријавата поднесена до Основното јавно обвинителство во Тетово, потпишана од претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска.

Одговорот од Јавното обвинителство, донесен на 5 декември 2014 година, е негативен со образложение дека пријавените дела не се дела кои се гонат по службена должност. Додека министерот Изаири најавува тужба, во документот на обвинителството се гледа дека при донесувањето на негативниот одговор било консултирано и претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Foto 03 - Odgovor od OJO Tetovo

“По преслушување на претставник на правното лице Југохром Фероалојс ДОО…и стручно лице од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кои е сочинет записник КО бр.700/14, како и Барање за доставување на Одлуката на Владата на РМ…, Јавниот обвинител на ден 5.12.2014 донесе Одлука за отфрлање КО бр.700/14 со кое Решение ја отфрла Кривичната Пријава за наведените кривични дела, бидејќи пријавените дела не се кривични дела со кои се гонат по службена должност, ниту пак во дејствието на правното лице се содржани други елементи на кривично дело…“, се вели меѓу другото во решението на тетовското обвинителство, потпишано од Јавниот Обвинител Бесир Алиу.

И Државниот инспекторат за животна средина, институција која е дел од МЖСПП, се покажа немоќна пред загадувачите. Според извештајот на невладината “Фронт 21/42“, во текот на последните четири години Државниот инспекторат изрекол казни на загадувачи во висина од 103 илјади евра, а успеал да наплати само 3 илјади евра.

Foto 05

 

Мистериозните сопственици на Југохром

 

СКУП се обиде да стапи во контакт со раководството на овој правен субјект, но безуспешно. Фабриката која произведува феро-легури и феро-силикон се наоѓа селото Јегуновце, 15 километри источно од градот Тетово. Чадот лебди над тетовскиот регион, додека самото село е навикнато да живее во чад и смрдеа од метали. Огромните оџаци непрекинато пуштаат тони на прав во еден ден, чии канцерогени честички се шират во дијаметар од над 50 километри.

Обезбедувањето на фабриката се обидува да ни забрани сликање, со образложение дека станува збор за приватен имот. Жителите на Јегуновце се поделени во нивните мислења во однос на фабриката.

“Ако се затвори фабриката, ние нема кај да работиме. Добро е да имаме чист воздух, ама најважно ни е да имаме доволна храна“, вели Благоја. Тој работи во Југохром и неговата егзистенција зависи од работата на ова фабрика.

На исто мислење е и Мехмет, исто така работник во овој загадувач.

“Сите тие што запнале за филтри сакаат да ја затворат фабриката. Како ќе издржиме ние без работа? Фабриката работи веќе 60 години, а сега на некои им текнало дека загадува. Наместо да бараат отворање на нови работни места, тие бараат да се затвори“.

Но, сите не се согласуваат со мислењето на Благоја и Мехмет, кои се двајца од 1200 вработени во Југохром. Повеќето анкетирани граѓани се загрижени не само за здравјето, туку и за загадувањето на почвата.

“Ни ги враќаат производите назад. Во Италија извезувавме грав и боровинки, но минатата година ни ги вратија заради тоа што нашле метали во поголеми количини од дозволените норми. Ако тие (вработените во Југохром) ги бранат нивните работни места, и ние сакаме да преживееме. Мора да се стават филтри, или да се затвори“, вели Исљам.

Но, сопствениците на Југохром се оценува дека купуваат време за да добијат што поголем простор да работат без филтри. Во барањето за продолжување на А-дозволата за пролонгирање на рокот, доставена до МЖСПП на 18 февруари 2011, е наведнато и репрограмираниот план за поставување филтри. Овој субјект пред 4 години предвидел целата постапка да заврши оваа година, кога ќе ја заокружи инвестицијата од околу 20 милиони евра за исполнување на законските еколошки стандарди. За 2011 Југохром ветил инвестиција во висина од 652 илјади евра, во 2012 година – 1 милион и 60 илјади евра, 2013 година – 9 милиони и 815 илјади евра, 2014 година – 5 милиони и 100 илјади евра додека во 2015 година да го заокружи планот со инвестиција од 2 милиони и 950 илјади евра.

Сепак, Југохром нема најави дека ќе ја почне процедурата и во оваа година, кога според овој план е предложено да ја заврши.

 

Сложена сопственичка структура

 

Кој стои зад овој загадувач, пред кои институциите се покажаа слаби во правец на спроведување на законските и уставните одредби? Според документите обезбедени од Централниот Регистар на Македонија, како сопственик на Југохром се јавува компанијата Сиркатлент Девелопментс ЛТД со седиште во градот Лимасол во Кипар.

Како управител и овластено лице фигурира името на 69-годишниот Бранислав Ѓуровиќ. Во билансот на состојба и успех се гледа дека вкупни средства на ова компанија пријавени за 2013-та година изнесуваат 13.325.862.342 денари, или околу 217 милиони евра. Бројот на вработените се наведува дека е 1874, при што просечната нето плата исплатена во 2013 година изнесува 20.576 денари, или 335 евра.

Foto 10

Во Кипарскиот регистар на фирми, како основач и сопственик на компанијата Сиркатлент Девелопментс ЛТД фигурира друга компанија со седиште во Хонг Конг во Кина. Се работи за познатиот холдинг во светскиот пазар на метали – Камелот Гроуп Лимитед. Компанијата е основана во 1997 година, а пријавениот капитал за 2013-та година изнесува 10.3 милиони американски долари.

Како сопственици фигурира Максим Москалев со пријавена адреса на живеење во главниот кинески град Пекинг, и Димитри Аграмаков со адреса на живеење во Москва – главниот град на Русија.

Ретко кој во Македонија е запознат дека токму овие двајца бизнисмени се сопственици на еден од најголемите загадувачи во Македонија, кој го имаат во власништво од 2010 година. На адресата каде е пријавена нивната компанија (Suite 2006, 20th Floor 340 Queen’s Road Central Hong Kong) истовремено е и седиште и на многу други компании од целиот свет.

General Meeting of Alexander Pyatigorsky Foundation at GUM

Максим Москалев (фото: РИА новости)

SIXTY restaurant opens in Federation Tower

Димитри Аграмаков (фото: РИА новости)

 

Истото може да се забележи и со адресата во градот Лимасол во Кипар, која служи како седиште на неколку фирми. И Кипар и Хон Конг се во листата на таканаречени офшор земји, кои важат за флексибилните даночни политики кои не ретко привлекуваат контраверзни компании и валкани бизниси.

Додека Москалев и Аграмаков уште еднаш го продолжија рокот за работа без започнување на процедурата за поставување на филтри, граѓаните на Тетово се надеваат дека решението нема да биде избор помеѓу воздухот и работното место, туку пакет кој ќе ги подразбира и двете категории.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 

Оставете коментар

коментар(и)