БЕЗ СТРАНСКИ ДОНАЦИИ ЌЕ НЕМА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

За среќа, и натаму се присутни странските донации кои практично се главната кислородна подршка македонските НВО

Граѓанскиот сектор често е мета на етикетирања и предрасуди, а всушност е еден од клучните двигатели на демократските процеси во општествата па и на нашето.

Според искуствата од земјите со подолготрајна демократска треадиција, невладините организации и граѓанските здруженија имаат мошне значајна улога во градењето на демократското општество и во унапредувањето на квалитетот на животот на граѓаните.

Меѓутоа, она што отсекогаш е основен проблем за непречено функционирање на оваа општествена област, е хроничниот недостиг од средства за финансирање на НВО и на нивните бројни и тематски разновидни актвности. За стабилно функционирање на невладините организации потребни се и стабилни извори на финансирање. Ова посебно во услови кога во нашата земја нема традиција на индивидуални донации, па невладините зависат главно од грантови од странски фондации.

Стратегијата за соработка со невладините организации

Во 2018-та година, како реализација на прдизборното ветување, владата донесе Стратегијата за соработка со невладините организации. Во владиното образложение за овој документ стои дека нејзина цел е да се поттикне партнерство помеѓу владата и граѓанскиот сектор во постигнување на заедничките резултати. Но, и да се помагаат невладините организации, посебно оние кои се докажани во нивната мисија преку своите конкретни активности. 

Фани Каранфиловска е претседател на Советот за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанскиот сектор.

 „Имааа голем простор за соработка и за постигнување на заедничките цели,а без притоа да се партизираат невладините организации. Еден систем кој што ќе обезбеди дека граѓанските организации ќе имаат доволно средства да бидат одржливи, да ја работат својата односно она за што постојат и притоа нема да им биде нарушен нивниот интегритет, односно модел на државно финансирање кое што ќе обезбеди поддршка на граѓанските организации кое што ќе биде изземено од политички, приватни и други влијанија“.

И во изминативе десетина години повеќе влади по основ на конкурси или често и без јавни објави, финасираше одредени активности на одредени невладини организации.Така, според податоците, од 2010-та година наваму преку директни владини трансфери, преку сметката „463- трансфери кон невладини организации“ , се исплатени 2 милиони и сто илјади евра. Во 2011-та се префрлени 243 илјади евра, а во 2010-та 280 илјади евра. Од 2012-та до 2016-та кон невладини организации годишно се трансферирани по 195 илјади евра, а во 2017-та и 2018-та година владата воопшто не префрла пари кон невладините организации. Во 2019-та година владата на НВО им доделила околу 190 илјади евра. Најмногу пари, или 479 илјади евра, владата им префрлила во 2020-та година.

Владините пари за невладините организации се ограничени и буџетски детерминирани

Еднаш во годината владата распишува конкурс на кој невладините аплицираат, а посебна комисија носи одлука за тоа кому од пријавените невладини ќе им додели од буџетот предвиден за нивните активности.

Како по праввило, по секој објавен и реализиран конкурс за доделување средства наменети за невладиниот сектор има  реакции од незадоволсво од страна  на  организациите кои аплицирале, а кои не добиле пари за своите пријавени активности. Од Владата велат дека и таа и Комисијата за оценка на пријавите работи принципиелно и транспарентно и дека имаат разбирање за реакциите на оние организации кои не добиле владини средства за своите активности но и дека средствата се ограничени и буџетски детерминирани.

Антикорупциската комисија се „заинтересира“ за владиното решение да доделува пари за време на предизборие

Во средината на јуни минатата година, само еден месец пред изборите, владата донесе одлука за распределба на грантови за помош на невладините за преземање итни мерки за справување со кризата предизвиката со Корона вирусот. Ваквата „интервентна“ владина постапла в опредизборното време поттикна многу дебати за контроверзниот тајминг на владините финансиски итервенции за НВО. Беа распределени околу 30 милиони денари или скоро половина милион евра. На листата имаше познати но и помалку познати невладини организации и граѓански здруженија. Висината на паричните средсва до кои дојдоа некои невладини изнесуваа од 480 до 810 илјади денари.

Александар Кржаловски од МЦМС:

„Тој конкурс има многу контроверзи поради краткиот период за одлучување за голем број на пријавени апликации. Се случи куршлус во јуни кога средствата за Ковид се доделија многу набрзина и во 5 дена повик и во 2 дена одлучување за 550 апликации мислам дека е далеку од стандард на нормално и транспарентно работење и нормално дека имаше големи реакции и се уште трае таа препирка дали соодветни организации ги добија тие државни средства. Не сум видел уште целосно електронизиран систем за избор на грантови, бидејќи има субјективност треба да се прочита тоа што е напишано или предложено, значи има човечки фактор во одлучувањето и како и да го завртите, ќе има некоја пристрасност, некогаш ќе е видлива, некогаш ќе е невидлива“.

Врз основа на реакциите во јавноста и по пријавата од страна на опозициската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а затоа што во предизборно време владата поделила пари на наневладини организации, Државната комисија за спречување корупција отвори предмет.

Билјана Ивановска, Претседателка на ДКСК:

„Оваа пријава Државната комисија ја прифати како основана, за жал Управниот суд ја оспори, меѓутоа, работејќи по оваа пријава ние не се уверивме во објективноста на начинот на доделувањето на овие средства и оттука по сопствена иницијатива отворивме предмет кој што ќе го разгледува начинот на доделувањето на средствата, критериуми и така натаму. Овој предмет се уште се подготвува се работи и кога ќе биде готов ќе биде презентиран пред јавноста“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше првата која реагираше против доделување на грантови за невладини организации во време на неформална изборна кампања. Партијата оцени дека со поделбата на околу половина милион евра пред избори, власта практично прави класичен поткуп.

Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ

„Финансирањето на невладините организации кои истите тие пари од буџетот ќе ги даваат за плаќање на реклами со владина содржина не е ништо друго туку директно корумпирање на медиумите од страна на СДСМ. Она што власта не може да го прави директно го прави преку НВО секторот и тоа претставува дрско трошење на народните пари кога во државата илјадници семејства немаат ни за леб“.

Фани Каранфиловска вели дека конкурсот бил објавен пред да се знае точниот датум на парламентарните избори. Изборите најпрвин беа закажани во април, за потоа да бидат преместени во јули. Причина за одложувањето беше кризата со Ковид-19. И во владата ги отфрлуваат забелешките дека тој конкурс имал за цел да ги поткупи невладините организации во пресрет на изборите. Оттаму појаснуваат дека намерата била и на НВО да им се помагне во нивните активности насочени за справување со корона.

Европската комисија: Да се обезбеди доволно државно финансирање за одржливост на невладиниот сектор

Потребата за подобро уредување на државното финансирање се потенцира и во најновиот извештај на Европската комисија. Таму се наведува дека Законот за здруженија и фондации прецизира дека организациите можат да добиваат средства од државниот буџет и буџетите на општините, но се додава дека треба и да се обезбеди доволно државно финансирање за одржливост на невладиниот сектор. Во извештајот се препорачува и подобрување на административниот капацитет и соодветната организациска поставеност во владината единица за соработка со невладините организации.

Европска комиисја:

„Да се обезбеди финансиска одржливост и да се подобри институционалната рамка на граѓанските организации, фокусот треба да продолжи да се насочува кон воспоставување на целосно функционална правна рамка, со спроведување на стратегијата 2018-2020 и усогласување поврзаното фискално законодавство“. 

Но дилемата која е присутна во јавноста е дали земјата има капацитет да ги финансира невладините организации без притоа да ја загрозува нивната слобода и независност? Некои искуства од минатото го говорат спротивното.

Александар Кржаловски:

Имаме релативно развиен граѓански сектор и силни организации, но сега недостига соодветно финансирање. Втората причина што самите политички партии особено на десницата немаат многу разбирање за граѓанскиот сектор, како воопшто функционира, што е неговата улога во општеството и соработката беше мала а со тоа и вниманието на неговата одржливост. Финансирањето на граѓанските организации не мрдна од тие 5 милиони евра, подобрена е, но не многу ситуацијата и со новата влада но во овие 3-4 години се стигна до некои буџети до 14 милиони но никогаш не се реализира и останува проблемот на нетранспарентната поделба“

Првата антикорупционерка вели дека иако Државниот завод за ревизија треба да ги контролира распределбата на овие пари, повеќе од 10 години оттаму не е направена ревизија.

Билјана Ивановска:

„Редовна контрола на тоа треба да прави Државен завод за ревизија бидејќи граѓанските здруженија се финансираат односно средствата се исплаќаат преку Генералниот секретаријат на Владата. Што значи, кога ќе се прави ревизија на Владата ќе се види и начинот на доделување критериуми и така натаму на граѓанските здруженија. ДЗР треба редовно секоја година да прави ревизија финансиска во Генерален секретаријат, за жал, можам да кажам, одговорно тврдам дека последната ревизија е направена 2008 година. Тоа е трагедија“.

Од друга страна пак, она што недостасува во извештаите за поделените пари од буџетот на невладините е тоа што нема информации како тие пари се потрошиле, за која намена и какви се ефектите.

Фани Каранфиловска:

„Процедури постојат, согласно договорот што го имаат потпишано невладините треба да поднесат финансиски и наративен извештај. Мислам дека државата и невладините организации се во една постојана спрега, ајде да не кажам спротивставени страни, но дека факто се спротивставени страни и не гледам зошто државата би прогледувала нешто специјално низ прсти ако граѓанските организации особено не ги потрошиле парите како што треба освен ако не сака самата себе да си наштети и на своите политики. Меѓутоа не знам да кажам во суштина дали тоа што како извештаи организациите го поднесуваат де факто одговара на фактичката ситуација или и таму има извештаи кои што не се докрај јасни или не се докрај прецизни и докрај не ја отсликуваат вистинската слика“.

Македонија на европското дно од развиеноста на мрежата на невладиниот сектор

Доколку развиеноста на демократијата на една земја се гледа според бројот на невладини организации, Македонија стои прилично лошо. Според податоците на МЦМС во земјава на крајот на 2018-та година се регистрирани 10.171 невладина организација, но само околу 5.000 се активни. За споредба, Србија има 24.000, Црна Гора околу 4.000, Хрватска 55.000, Германија 600.000, Велика Британија 660.000 невладини организации.

И во однос на финансирањето состојбата не е ништо подобра. Во моментов драстично заостануваме во земјите од регионов. Во Србија се издвојуваат 120 милиони евра годишно, во Хрватска 230, а во Словенија дури 300 милииони евра, додека кај нас сега  тоа е околу 10 милиони.

Процентуално во нашава земја финансирањето од државни извори изнесува до 15% од нивните вкупни приходи, додека во европските земји тоа е околу 30 проценти. Само за споредба, Европската Унија годишно за невладини организации издвојува 1,7% од вкупниот буџет. Ако буџетот на ЕУ за 2020-та година е 165 милијарди евра, излегува дека за невладини организации се издвојуваат околу 3 милијарди евра.

Се на се, засега македонскиот невладин сектор, судејќи по средствата што ги добива од државата, и натаму ќе е на самото европско дно по капацитетите за развивање на своите активности. За среќа, и натаму се присутни странските донации кои практично се главната кислородна подршка на македонските НВО за тие да се одржуваат во живот и да даваат придоинес како во натамошната демократизација на општеството така и врз конкретните активности во разни области што непосредно ги тангираат граѓаните.

Автор: Кристина Шеќероска – млад новинар, волонтер во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.

Оставете коментар

коментар(и)