За донаторот на ДУИ во Совет за јавни обвинители не важат законите

Арбер Исаку, член во Советот на Јавни обвинители во јавноста е познат како човек кој за изборите 2014 година донираше 5 илјади евра за ДУИ, за година и пол подоцна да го изберат за член на Советот за јавни обвинители. По 2020 година исчезнува секаква трага за имотната состојба на Исаку од Државната комисија за спречување на корупцијата

Пишува: Кристијан Трајчов

Арбер Исаку го нема на радарот за следење на имотната состојба на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). СКУП Македонија го истражуваше случајот на Арбер Исаку уште во 2016 година кога напоменавме дека неговото назначување во Советот за јавни обвинители е премногу симптоматичен.

Тој поднел анкетен лист за имотната состојба кога дошол на функција во 2016 година, но од 2020 година се губи секаква трага на неговиот имот.

На изборите кога Исаку донираше 5.000 евра, ДУИ освои 19 пратеници и продолжи да биде партнер во тогашната влада на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш од ДУИ велеа дека нема ништо спорно во тоа што за член на Советот на јавни обвинители е избран Арбер Исаку и што донирал за партијата.

Дали ваквиот вид на услуги за партијата се вратени со најважната функција за борба против корупцијата.

При направена анализа од страна на СКУП за имотната состојба на Исаку, беше увидено дека го нема во евиденцијата на Државната комисија за спречување на корупција во регистарот на анкетни листови.

Од страна на Државната комисија за спречување корупција ни беше доставен неговиот лист од 2020 година при престанок на неговиот тогашен мандат како член на Советот на јавните обвинители на РСМ.

Откако тој повторно бил именуван на таа функција, како што објаснуваат од ДКСК, тој нема поднесено изјава за имотна состојба и интереси.

„По престанување на функцијата член на Совет на Јавни обвинители на РСМ, Исаку доставил изјава со неговиот имотен лист на 30.04.2020 година, но за повторно именување на истата функција, ДКСК не располага со информација односно тој нема поднесено изјава за имотна состојба и интересни“, појаснуваат тие.

Исаку поседува имот во вкупна вредност од 668.414 евра. Пријавена е куќа со двор, деловен објект, шума и нива во Тетово, два автомобила Шкода Фабиа, потрошувачки кредит, како и накит и средства на трансакциска сметка.

Ги прашавме за тоа зошто лицето Арбер Исаку нема доставено нов анкетен лист бидејќи законски тој е должен да го стори тоа, но од ДКСК не добивме одговор.

Исто така, се обративме и до Советот на јавни обвинители за анкетниот лист на Арбер Исаку каде тој е член.

Но од Советот за јавни обвинители до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.

Друг спорен момент во изборот на Исаку, за кој пишуваа медиумите во 2020 година е што според законот не е дозволен реизбор на позицијата претседател и заменик претседател на СОветот за јавни обвинители.

Врз основа на одредбите на Законот за советот на јавни обвинители, мандатот на претседателот и заменик претседател на СЈО на РСМ е две години без право на реизбор. Воедно, Исаку оваа функција ја извршуваше и во период 2016-2018 година.

Исаку од 01.06.2004 година беше судски преведувач во Основен Суд Тетово. Од 18.06.2009 година до 22.12.2009 година советник во Владата на Република Македонија. Од 23.12.2009 година советник во Собранието на Република Македонија. На 01.05. 2016 година е избран член на Советот на jавните oбвинители на Република Македонија. На 22.09.2016 година е избран за заменик претседател на Советот на jавните oбвинители на Република Македонија.

Оставете коментар

коментар(и)