Милиони се трошат за екологија, а околу 1.600 луѓе умираат предвреме од загаден воздух

Пишува: Жаклина Хаџи-Зафирова

Во последниве шест години, почнувајќи од 2013 година, Европската унија (ЕУ) одобрила вкупна помош за државава од над  144 милиони евра за проекти кои се однесуваат само на заштита на животната средина. Според податоците кои СКУП ги доби од Канцеларијата на Делегацијата на Европската унија во Скопје, ЕУ инвестирала околу 5 милиони евра, само во делот за квалитет на воздух.

Освен финансиската поддршка од ЕУ и од други земји-донатори, државата остварува буџетски приходи и по основа на еколошки даноци или надомест при регистрација на возила или еколошка такса за горивата. Но, она што е посебно интересно за граѓаните е што нема кредибилни, ниту пак достапни информации за тоа колку државата вложува во квалитетот на воздухот кој го дишеме. Па така, на веб страницата на град Скопје не функционира делот каде би требало да стојат буџетите на град Скопје. Единствено е достапен буџетот за 2019 година. Буџетите за другите години се недостапни.

Буџети нема ниту на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според истражувањето на СКУП-Македонија, градот Скопје во изминативе пет години одвоил над 7 милиони евра за заштита на животната средина, но, повеќе од половината од оваа сума или скоро 4 милиони евра со ребаланс биле пренаменети за други ставки или пак префрлени за исполнување во наредни години.

ЕУ ЌЕ ПОМАГА, НО БАРА И ЗЕМЈАТА ДА ИНВЕСТИРА ВО ЗАМЕНА НА ЗАСТАРЕНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ

Од 2002 година досега со финансиска помош на ЕУ се набавени вкупно 13 мониторинг станици и една мобилна станица и возило, како и примероци. Исто така, обезбедена  е калибрациона лабораторија во која се испитуваат примероците од мониторинг станиците, но и софтвер за информацискиот менаџмент систем за квалитет на воздухот.

Според препораките од финалниот извештај во проектот „Понатамошно јакнење на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во полето на квалитетот на воздухот“ поддржан од ЕУ се укажува на можната нефункционалност на мониторинг станиците за мерење на квалитетот на воздухот.

„Инструментите во повеќето мониторинг станици за квалитет на воздух се стари повеќе од 10 години. Достапноста на резервни делови на овие стари инструменти ќе стане лимитирано во многу блиска иднина, и ова, комбинирано со староста на инструментите, ќе резултира со тоа што во следните неколку години голем дел од залихата на инструментите (околу 70 инструменти) нема повеќе да бидат во функција и ќе мора да бидат заменети. Делумно, инструментите ќе бидат заменети со постоечката помош од ЕУ, но националните инвестирања се неопходни со цел да се заменат сите застарени инструменти. Планирањето на ова треба да почне веднаш. Во иднина, треба да се осигура дека годишниот национален буџет за мониторинг мрежата за квалитет на воздух, исто така, ќе вклучува  фондови за инвестирање. Ова ќе ја лимитира финансиската пречка кога голем дел од инструментите ќе треба да се заменат во исто време“, се вели во извештајот.

СВЕТСКА БАНКА АЛАРМИРА: ЛУЃЕТО ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДИШАТ ПОТОКСИЧЕН ВОЗДУХ

            Околу 1.600 луѓе умираат предвреме секоја година како резултат на загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички во Северна Македонија, каде здравствените проблеми се два пати поголеми од проблемите на соседното Косово, покажува најновиот Извештај на Светска банка за менаџмент на квалитетот на воздух во Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија. Во него се констатира дека луѓето во Северна Македонија дишат потоксичен воздух отколку нивните соседи во западна Европа, што се должи на недостиг на политики за редуцирање на загадувањето на воздухот и повеќе загревање и готвење со цврсто гориво во источноевропските и балканските земји во споредба со останатиот дел на Европа.

Уште официјално не настапила зимата, а Скопје и другите градови бележат енормни вредности на загадување, што беше случај и минатите години. И покрај заложбите на Владата дека презема мерки за да се справи загадувањето, во октомври годинава, Скопје се искачи на скалата најзагадени градови на светско ниво и стана трет најзагаден град во светот. Ваквите состојби се контрадикторни во однос на фактот што странските донатори постојано инвестираат во државава за подобрување на состојбите.

Во последниве недели, загадувањето наиде на низа реакции кај невладините организации и граѓаните, кои излегоа на протести со цел да го изразат своето негодување од владините политики поврзани со загадувањето.

                 Невена Георгиевска од О2 иницијативата смета дека државата вложува  малку во заштита на животната средина во однос на тоа колку е потребно со оглед на сериозноста на ситуцијата. Често пати, според неа, се случува овие средства да се прераспределат за друга намена.

            Во врска со реализирањето на владиниот План за чист воздух, Георгиевска коментира:

„Планот за чист воздух воопшто нема да ги донесе резултатите како што предвидуваа. Тоа што се предвидуваше до сега, не се исполни, а и да се исполнеше немаат соодветна анализа дали навистина и колку реално ќе вродат со плод. Повеќе беше маскирање дека нешто се работи отколку вистински план. Срамно е што сега неработењето на одредени мерни станици ( а според планот требаа сите да работат и да имаат податоци уште пред 10тина месеци) се прикажува како подобрување на состојбата со аерозагадувањето“ вели Георгиевска. Таа додава дека од вкупно 123 барања кои заедно со Зелен фронт ги упатиле до Владата, исполнети се само две.

Во најновиот Извештај на Светска банка се нагласува дека загадувањето на воздухот е значителен проблем во градовите и урбаните центри во Република Северна Македонија. Тој содржи проценки дека околу 1600 луѓе умираат предвреме како резултат на загадениот воздух, што е за 300 случаи повеќе од проценките кои банката ги имала во студијата „Зелен раст“ од 2014 година.

„Околу 1.600 луѓе умираат предвреме секоја година како резултат на загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички во Северна Македонија. Околу 21 процент од нив се однесуваат на Скопје. Околу 80 проценти од крајната бројка на смртните случаи поврзани со загадувањето на амбиенталниот воздух се од кардиовскуларни болести, од кои околу 95 проценти се појавуваат на возраст од 50 години и нагоре. Бројот на смртните случаи од канцер на бели дробови е највисок во возрасната група од 50 до 69 години“, се вели во Извештајот на Светска банка, објавен во октомври годинава. Извештајот е еден од трите за менаџмент на квалитетот на воздухот во Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија. Тој ја истражува природата и магнитудата на загадувањето на амбиенталниот воздух во Северна Македонија и обезбедува проценки за потешкотиите по здравјето, како и економските трошоци поврзани со здравствените импакти од ПМ 2.5 честичките. Тој, исто така, ги анализира улогите на различните извори на ПМ 2.5 честичките врз амбиенталниот воздух во Северна Македонија на национално ниво. 

Според Светска банка, проценетиот економски трошок поврзан со морталитетот од изложеност на загадувањето со воздухот во Северна Македонија е од 500 до 900 милиони долари годишно, што е еквивалентно на 5,2 до 8,5 проценти од БДП (бруто домашниот производ) во 2016 година. „Ова вреднување само ги квантифицира економските импакти од прераниот морталитет асоциран со специфични болести. Другите видови на здравствени импакти како болнички денови, трошоци на болести и изгубени работни денови не се валоризирани во овој извештај. Затоа, трошоците за општеството и процентот на БДП е всушност поголем. Од 750 милиони долари, трошоците за загадувањето во урбаните и индустриски области е проценето на 600 милиони долари, додека 150 милиони е проценето дека доаѓа од други области“ се потенцира понатаму во Извештајот, во кој се нагласува дека државава треба да ги зајакне капацитетите за спроведување на проценки за здравствените импакти и да ја подобри статистиката на морталитет поврзан со специфични болести кои се должат на загадувањето на амбиенталниот воздух.

ЗАГАДУВАЊЕТО ДОСТИГНАЛО ЗАКАНУВАЧКИ НИВОА ВО СКОПЈЕ, ТЕТОВО И БИТОЛА

Во документот се предупредува дека загадувањето на водухот достигнало заканувачки нивоа во повеќето урбани локации, во Скопје, Тетово и Битола, и тоа посебно во зимските месеци.

„Во 2017 година, Владата најави дека загревањето на јаглен ќе биде забрането до 2020 година. Но, употребата на валкани горива е социјално чувствителна тема, голем дел од населението не може да си дозволи почисти извори за загревање“, се појаснува понатаму во извештајот, во кој се укажува дека западна Европа во поголем дел се ослободила од електраните кои работат на јаглен, но во Балканот и Источна Европа тие се уште се во широка употреба, додека балканскиот регион е дом на 7 од вкупно 10 најзагадувачки електрани на јаглен во Европа.

            Во документот се објаснува и дека процесот на пристапување кон ЕУ е клучен двигател за подобрување на менаџментот на квалитетот на воздухот во Северна Македонија, но иако законското прилагодување е скоро завршено, имплементацијата е слаба. Главна пречка, според Светска банка за одржување на мрежата за мониторинг на квалитетот на воздухот и калибрирачката лабораторија се рестрикциите во буџетот.

„Недостиг на постојано одржување на инструментите, деловите, калибрирачките гасови и потрошните материјали за застарените инструменти веќе ја намалиле покриеноста на податоците, што резултира со значителни проблеми за континуирана достапност на кредибилни информации за загадувањето на воздухот. Дополнително, недостигот од ИТ трениран персонал и постоечката датабаза, на која и недостига интерфејс за дата менаџмент, лошо се одразува на рапортирањето на квалитетот на воздухот во Северна Македонија. Слично, недостигот од финансирање ги ограничил хемиските и лабораториските анализи на емисии, како и одржувањето и калибрирањето на временските станици кои се основни за подобрување на менаџментот на квалитетот на воздухот, сметајќи на јакото влијание на локалните метеоролошки и топографски услови за квалитетот на локалниот воздух и неговите сезонски варијации, посебно во градовите како Тетово“ се објаснува во документот.

Прашавме во Министерството за животна средина и просторно планирање каква е состојбата со мерните станици, како и тоа колку државата вложува во заштита на животната средина, но до објавување на овој текст не добивме одговор.

НАЈВИСОКО ЗАГАДУВАЊЕ ВО ЕВРОПА        

Во студијата „Зелен раст“ на Светска банка за Македонија од 2014 година, се нагласува дека: „Загадувањето на воздухот во земјата е меѓу највисоките во Европа, и секој пат за зелен раст којсе однесува на човековото здравје мора да го адресира неговото редуцирање, што ќе обезбеди големи локални ко-бенефити за Македонците. Најголем дел од загадувањето со честички доаѓа од најголемите индустриски капацитети и може да се намали со инсталирање на модерна опрема за намалување на загадувањето. Преминот од лигнит на природен гас во енергетскиот сектор ќе помогне во значително редуцирање на загадувањето на воздухот од електричната енергија. Загадувањето од поплочувањето на патиштата може да се реши со подобра опрема за мешање на асфалтот, издувните гасови од старите и возилата кои загадуваат треба да се реши преку политиките за транспорт. Друг голем и невообичаен извор на загадување на воздухот е широката употреба на дрвото за загревање во урбаните области од страна на домаќинствата што може да се редуцира на краток рок со замена на старите, нефункционални печки со нови, модерни“, се дел од препораките во извептајот.

ИНДУСТРИЈАТА НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ НА ВОЗДУХОТ

Проценката дека индустријата е најголем загадувач во државава ја потврдија и европските ревизори. Во Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI-Европската организација на врховни ревизорски институции објавен на почетокот на 2019 година се наведува дека освен индустријата, загадувањето е предизвикано и од загревањето на домаќинствата и помали фирми, додека на автомобилите се гледа како на средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.

Според Извештајот за квалитет на воздухот во Европа од 2019 година na Европската агенција за животна средина, од вкупно 37 земји во Европа, просечната изложеност на ПМ 2.5 честички во 2017 година (при што се земени како просек вредностите за 3 години од 2015-2017 година) е највисока во Северна Македонија, каде изнесува над 50 мг/м3. Северна Македонија е рекордер и во однос на изложеност на ПМ 10 честички во 2017 година.

Во ноември 2018 година Владата го најави Планот за чист воздух, со кој преку серија мерки планира да го намали загадувањето на воздухот за 50 проценти во период од две години. Во Планот, меѓу другото, стои дека загадувањето на воздухот во Скопје ќе се намали за 50 проценти до 2020 година, а во другите градови од 30-50 проценти.

(Сторијата е изработена во рамките на проектот „Зелени фондови во сивите области – Корупција во фондовите за заштита на животната средина под лупа на медиумите и невладините организации во Република Србија и Република Северна Македонија„ имплементиран од Ромски центар за демократија (РС) и Зелен Институт (РСМ) е поддржан од Европската унија преку програмата за мали грантови на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Ставовите изразени во оваа статија не го одразуваат ставот на Европската унија и/или на партнерите во проектот.)

Оставете коментар

коментар(и)