Засега сите се согласни дека тоа што неминовно ќе избие на површина, ќе биде генерациската штета врз квалитетот на образовниот процес.
Отсуството на дружење врсниците го преточија во онлајн пакости кои им ги дозволуваат несовршеноста на интернет платформата.
Светската пандемија го погоди светот по сите линии. Жртвите веќе се бројат со деветцифрени бројки. За економијата и за штетите кои удираат и по егзистенцијата на луѓето и не станува збор. Страдаат сите. Па сепак, гледано перспективно, засега можеби незабележливо поради фактот што кобниот вирус по основ на здравјето, не ги допира најмладите, извесно е дека на крајот од пандемијата на врвот од евидентираните штети ќе бидат младите по основ на нивното образование и социјален живот. Во екот на нивниот развој, во времето на нивните училиштни години, врз нивниот грб се струполија сиасет видливи и невидливи грижи и проблеми.
Училишните дворови замреа. Училишните табли се заменети со ворд документ. Училниците со дневните соби. Испрашувањето преку камери. Онлајн наставата ги одалечи основците од учителките, средношколците од наставниците. Тоа е реалниот проблем за најголемиот број школски деца. Но меѓу нив има и околу 40 илјади за кои и овој вид настава е недостапен. Статистиката евидентира дека толку деца во Република Северна Македонија немаат технички средства за учење преку интернет. А за да се следи онлајн настава, освен интернет вештини, потребна е и стабилна интернет врска како и солиден компјутер или друга соодветна опрема. Истите услови важат и за наставниците.
Елвира Мустафа, наставник во ДСУ „Никола Карев“:
„Тој проблем постои. Значи има дечиња кои се од социјално ранливи групи. Има дечиња кои што не можат да обезбедат услови за нешто такво. Има некој што не може ни интернет да си плати.“
Според последните официјални податоци, во првото тримесечје од 2020 година околу 80% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет според типот на населеното место, во вкупниот број на домаќинства, изнесува 87.8 %. Ова би значело дека околу 20 проценти од нив не се во можност да бидат дел на дигиталниот образовниот процес. Дигиталното образование донесе дигитални проблеми. Тие беа најавени уште со одложувањето на почетокот на учебната година поради нестабилноста на онлајн платформата.
На онлајн учењето не требаше да се навикнат само наставниците и децата, туку и родителите. Родителите се жалат на недоволен капацитет на дел од наставниците да предаваат онлајн. Поради ова, тие велат дека дома се претворени и во наставници и во интернет поддршка кога за време на онлајн наставата се појавуваат технички проблеми. Овој вид проблеми често се извор на недоразбирања и на релација наставник – ученик. Ако среде тест се случи прекин на интернет врската, ученикот тешко добива втора шанса.
Билјана Пејовска, родител:
„На почетокот имавме потешкотии, додека ние, како родители, првично ја научиме платформата како функционира, за да можеме сето тоа да им го пренесеме на децата, за полесно и они да се справат. На почетокот имаше некои мали проблеми, каде што не можеа да се приклучат точно на време, да бидат на време, да пристапат на самата платформа за да ги реализираат часовите. Меѓутоа постепено почнавме некако да влегуваме сите во тој колосек, во тој правец и еве сега за сега веќе има многу подобрувања за разлика од почетокот.“
Наставничкиот кадар првпат се соочува со комплетно дигитална настава. Тие преку камери, од празни училници предаваат, ги испрашуваат и ги оценуваат своите ученици.
Елвира Мустафа, наставник во ДСУ „Никола Карев“:
„Мене ми беше многу тешко. Јас сум тип на човек кој што не сака информатика и такви некои работи. Философија предавам и етика. Кај мене повеќе практично, повеќе во движење и такви некои моменти, него седење и бубање на компјутер. Тешко ми беше ама се снајдовме. Имавме доста обука од МОН. Имавме доста обука од други луѓе и се снајдовме.“
Средното училиште „Никола Карев“ успеа да обезбеди техничка поддршка за наставниците, но тоа не е случај со сите училишта во земјава. Се уште има наставници кои мака мачат на сопствените неадекватни уреди.
„Училиштето го опреми училиштето со компјутери. Значи кој наставник нема услови да работи дома, доаѓа овдека кај нас. Ова го направи бившиот директор, кој што замина, беше в.д. директор, го опреми скроз училиштето. Има техничка поддршка. Тие што не можат да работат од дома доаѓаат тука. Се договоривме на тој начин, дополнува наставникот Мустафа.“
За децата, училниците се преселија во светот на игрите, па некои од нив така и ги разбраа. Отсуството на дружење врсниците го преточија во онлајн пакости кои им ги дозволуваат несовршеноста на интернет платформата.
„Тоа во училиштето го има. Наместо да се на онлајн настава учениците се на видео игри. Во моето одделениетоа тоа го има понекогаш, но се се случува се поретко зашто и наставниците ги разбраа нашите „излети“ од наставата па не` предупредувааат. А и родителите се почесто не` контролираат. И не е само тоа. Кога се вклучуваат игри, системот може дападне па вината е врз тие што наместо настава, на час практикуваат видео игри“, раскажува ученикво основно училиште.
„Се соочуваат професори со тоа. Значи ги мјутнуваат професорите. Воопшто професорот не може ни да се исклучи, мислам да се вклучи. Го тргаат некако од програмот. Јас ја следам од дома наставата на ќерка ми, која што исто го прават тоа и кај нив, они се четврто одделение, го има тоа“, дообјаснува наставникот Мустафа.
Мила Царовска, министерка за образование и наука:
„Националната платформа ќе биде многу повеќе од добра замена за традиционалното учење. Ученикот преку компјутер, телефон ќе може да ја гледа училницата, наставникот. И наставникот ќе може да го гледа ученикот. Дополнително, ученикот ќе може да ги користи сите поставени аудио и видео материјали во платформата и да ги изработува домашните задачи.“
Досегашната „корона“ пракса покажадека низа потешкотии во следењето на наставата, а уверувањата на министерката не се остварија во целост. За конкретните проблеми во системот во ресорното министерсттво немаа конкретни одговори како да се контролира ситуацијата.
Какои да е, родители на околу четириесет илјади деца од возраст на основно и средно училиште во Република Северна Македонија не се во можност да селдат онлајн настава. Причината е едноставна, социјалниот статус на семејствата на децата.
Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, стапката на сиромашни лица изнесува 21.6%. Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни, со две издржувани деца е 19.3%. А според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8.5%.
Најголем проблем имаат семејствата со повеќе од едно дете кои мора да обезбедат повеќе од еден компјутер. Но, дополнителен компјутер не го решава проблемот. Потребна е и дополнителна просторија. Но, за разлика откај нас, во повеќе држави во светот, од почетокот на пандемијата, владите или провајдерите обезбедуваа бесплатен интернет до крајот на школската година. Кај нас, пак, мерките се главно насочени кон одржување во живот на компаниите.
„Ќе им требаат два компјутери, две различни простории. Не можат децата да работат на еден компјутер, без разлика дали се иста смена или различна. Ќе биде мачно. Да се надеваме дека ситуацијата ќе се среди побрзо, додека да дојде тој момент“, вели родителот Билјана Пејовска.
Помалата ќерка на Пејовска следната година ќе биде прваче. Таа има разбирање за својата поголема сестра, но сепак понекогаш се случува да и го одземе вниманието додека слуша час, па мајката Пејовска додава:
„Имаме и помало дете коешто е во период на сознавање, на игра. Се и е интересно, се и е ново и тука малце се доведуваме во моменти кога не можеме баш да делуваме сегдека пошто сепак и тоа е дете. И тоа не е свесно за целата ситуација што е наметната и што ни се случува.“
Елвира Мустафа е наставник:
„Јас предавам на деца четврта, трета и втора година, таа е четврто одделение. Значи мора да се запази тишината. Нејзината наставничка вика зашто има во позадина гласови. Јас викам по моите деца у школо зошто има од кај нив гласови. Ме сфаќате? Некако е дисфункционално сето ова, ама да се надеваме дека ќе биде добро затоа што така треба да биде за општо добро за сите нас. Па да бидејќи јас сум на албански, она на македонски и вака ни се мешаат зборовите.“
Условите се дискутабилни, дури и за оние кои можат да си дозволат доволно компјутери. Онлајн наставата на сите им наметнува поголеми трошоци од вообичаената учебна година.
Билјана Пејковска, родител:
„Секако дека наметнува. Секако дека наметнува. Самите барања, нели, за да може оваа платформа да се инсталира… си бара посебни услови. Секако мора да имаат микрофони. Секако мора да имаат камери. Сето тоа е дополнителен трошок него ли што било претходно.“
Елвира Мустафа, наставничка:
„Мораш да имаш два компјутера, ако веќе сакаш да работиш. Мора Јасмин да има свој компјутер или таблет. Децата исто така мораат да имаат камери, затоа што ако нема камера, не може да се испрашува. Значи сите тие моменти навистина… во минус сме, сите сме во минус. Економски сме доле.“
Најголем е сомнежот кога е во прашање квалитетот на наставата, како и квалитетот на оценувањето. Наставничката Мустафа вели:
„Ќерка ми учи на албански јазик, каде што има два предмети, македонски и англиски, нови. Значи македонски и англиски професорите воопшто не се ни појавиле. Јас се плашам, дека сега се оценува, оваа година, дека она ќе има ниска оцена. Ја прашувам нејзината наставничка, нејзината наставничка вика дека таа треба да ја повика нејзе и се вртиме у круг. Се уште нема настава по тие два предмети.“
Ученици какокученици, не малку од нив знаат и да ја злоупотребуваат платформата со цел полесно да дојдат до подобра оценки. Родителите се загрижени за нивниот успех, а наставниците се принудени да бидат дополнително креативи во барањето начини да спроведат објективно тестирање на ученичкото знаење.
Родителот Михаела доплнува:
„На некои деца не им работат камерите па не може да бидат исптрашани, но има начини. Има начини да се оценат тие деца без да бидеме пали камера или нешто слично. Има начини. Тешко е да се оценат, како и да е они нешто ќе препишат. Секогаш се они попаметни од нас. Колку и да не сакаме тоа да го признаеме, секогаш. Затоа што технологијата иде напред, ме сфаќате. Они се цело време со таа технологија. Ќе не измамат, многу ќе не измамат. Ама нема зашто да се лутиме, знаеме такви се условите, нели?“
Недостатоците на системот се многубројни, а последиците ќе се анализираат откако ќе заврши оваа експериментална онлај „корона“ учебна година. Сите, а особено децата, се надеваат дека следната ќе се врати „старото нормално“ другарување децата со децата и нставниците со учениците и дека у наставата ќе продолжи со нивно физичко дружење и присуство.
Но, засега сите се согласни дека тоа што неминовно ќе избие на површина, ќе биде генерациската штета врз квалитетот на образовниот процес.
Автор: Кристина Шеќероска – млад новинар, волунтер во институционалниот проект на СКУП во рамките на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.