ШЕЌЕРИНСКА, ЏАФЕРИ, ДУРЛОВСКИ И РАШИДИ: КОЈ Е ПОБОГАТ?

Трка на четири искусни политичари, со прилично долги имотни листови.

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, е задолжена да ја води петтата изборна единица, заедно со актуелниот пратеник, Јован Митрески. На чело на листата на ВМРО-ДПМНЕ е назначен оперскиот пеач Игор Дурловски, ДУИ ќе биде во петката ќе биде предводена од спикерот Талат Џафери а коалицијата АА-Алтернатива со Сурија Рашиди.

Сите со богата политичка и институционална кариера и со прилично долги имотни листови.   

Изборната единица 5 е една од шесте изборни единици во Македонија. Оваа изборна единица опфаќа општини од југозападна Македонија, вкупно 14, помеѓу кои: Битола (поголемиот дел), Охрид, Струга, Кичево (дел), Ресен, Демир Хисар, Крушево, Долнени, Вевчани, Пласница, Дебар, Маврово и Ростуша, Дебарца, Кривогаштани (дел) и Центар Жупа.

ШЕЌЕРИНСКА СО ИМОТ ВРЕДЕН 330 ИЛЈАДИ ЕВРА, ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ОД МИТРЕСКИ

Радмила Шеќеринска на функцијата Министер за одбрана доаѓа во 2017-та година. Претходно, таа беше вицепремиер за евроинтеграции во периодот 2002-2006, а од 2006 до 2008 е претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Koга стапува на функцијата министерка за одбрана, пријавува имот вреден 330.957 евра.  Од кабинетот на Радмила Шекеринска во изјава за СКУП тогаш ја потврдија имотната состојба на министерката, со исклучок на податокот за залог за потрошувачки кредит во износ од 6.907,00 евра.

Во јуни 2019 година беше забележана промена во имотот кај Шеќеринска. На својата имотна листа таа го дополнила моторното возило „BRBCAN AM Outlander MAX XT-P1000 T 3 B ABS“  вредно 15 илјади евра, во сопственост на нејзиниот сопруг. Таа подигнала и кредит во висина од 25 илјади евра, чиј што рок за враќање е 2024 година.

„Се работи за ново моторно возило, уредно пријавено како нов стекнат имот на брачен другар, во вредност од 927.000 денари, за чија исплата, како што е наведено во образецот на ДКСК за пријавување промени на имотната состојба, е подигнат потрошувачки кредит со рок на подмирување до 2024 година“, изјавија тогаш од кабинетот на министерката Шеќеринска.

Во истражувањето ШЕСТТЕ НАЈБОГАТИ МИНИСТРИ ТЕЖАТ 35 МИЛИОНИ ЕВРА СКУП дојде до информација дека Радмила Шеќеринска е единствена од актуелните министри која нема автомобил.

Актуелната имотна состојба на вице-премиерката не е достапна на веб-страната на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), за што не добивме објаснување.

Јован Митрески е актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија. Со стапувањето на оваа функција, Митрески во Државната комисија за спречување на корупција пријавува имот вреден околу 150 илјади евра. Неговиот имот тогаш, а и денес, бидејќи не се наведени промени, се состои од удели во вредност од 5.174 евра и кредит од 6.829 евра. Неговата сопруга има кредит од 9.756 евра и денарски депозит од 6.829 евра. Таа поседува и два автомобила Лада Нива вредна 1.951 евра и Форд Мондео вредно 2.927 евра. Родителите на Митрески поседуваат имот во Струга и тоа: лозје вредно 16.260 евра, куќа вредна 73.171 евра, куќа за одмор вредна 9.756 евра, земјиште од 8.455 евра и едно градежно земјиште од 8.130 евра.

Во истражувањето на СКУП ПРАТЕНИЦИ-БИЗНИСМЕНИ НЕ ГИ ПРИЈАВИЛЕ ФИРМИТЕ ВО ДКСК пратеникот Митрески, според податоците од Централниот регистар на Македонија до кои дојде СКУП, беше наведен како сопственик на АНА КОНСАЛТИНГ, друштво кое тој го нема наведено во својата имотна листа.

ДУРЛОВСКИ „ТЕЖИ“ 270 ИЛЈАДИ ЕВРА

Игор Дурловски е македонски оперски пејач. Тој беше еден од предводниците на протестите организирани од „За заедничка Македонија“, кои кулминираа со насилниот упад во Собранието во 27 април 2017, за што му беше одреден и домашен притвор.

Дурловски, инаку беше професор на Факултетот за музички уметности и директор на Македонската опера и балет. Набрзо по настаните на Крвавиот четврток тој истакна дека се повлекува од организацијата „За заедничка Македонија“, а потоа следуваше и повлекување од сите негови функции во земјава.

На веб-страната на ДКСК, се уште стои имотниот лист на  Игор Дурловски како директор на МОБ кој изнесува 270 илјади евра а се состои од куќа и земјиште во Скопје и моторни возила КИА Спортаж и Крајслер гранд војаџер, сите на негово име.

ЏАФЕРИ ПРИЈАВИЛ ИМОТ ВО ВРЕДНОСТ ОД 266 ИЛЈАДИ ЕВРА, РАШИДИ ГО ЗГОЛЕМИЛ ИМОТОТ

Талат Џафери e политичар, поранешен министер за одбрана и актуелен претседател на Собранието на Македонија. На претстојните избори, тој ќе биде предводник на Изборна единица 4.

Моменталната имотна листа на Џафери, пријавена во ДКСК, изнесува 266 илјади евра и се состои од куќа во Форино, стан во Скопје, четири моторни возила помеѓу кои, БМВ, Фолксваген Буба на име на деца и две Ауди А4 наведени како личен имот. Дополнително, на имотната листа има наведено и плата на име на брачен другар, како и два кредита. Во однос на неговиот претходен имот како пратеник, за кој претходно пишуваше СКУП, разликата е само во додаденото возило БМВ на име на неговите деца.

Во истражувањето на СКУП Непотизам: Властите се менуваат, „роднините“ остануваат беше откриено дека државните ЕСМ и МЕПСО избија како компании во кои се вработија блиски роднини на функционери од владејачката гарнитура. Конкретно, во државната Електрани на Северна Македонија се вработија повеќе роднини на звучни имиња помеѓу кои и  ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери.

Актуелниот пратеник Сурија Рашиди на претстојните избори ќе биде носител на Изборна единица 5 како претставник на Колаицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Пратеникот Сурија Рашиди има пријавено две моторни возила. Едно во негова сопственост, Ауди А4 вредно 13.984 евра и едно во сопственост на неговата сопруга, Сеат Кордоба вредна 8.000 евра. Вредноста на пријавениот имот на Сурија Рашиди првично изнесуваше 21.984 евра. Со промена на имотна состојба во која беа додадени земјиште, ливада, две лозја, шума и плац вредни 109.628 евра неговиот имот изнесува 131 илјади евра.

Продолжува…

Оставете коментар

коментар(и)